Го запознавте Pinterest?
Претходната статија го имавме како гостин Емир Џафче, кој ни зборуваше за моќниот софтвер за email маркетинг кој овој студент заедно со своите колеги од Финска успеале да го направат и целосно да го приспособат за потребите на маркетинг активностите на големите компании, а денеска повторно имаме гостинска статија од Блаже Аризанов, во која тој не запознава со една од најбрзорастечките социјални платформи кои можат да бидат од голема корист за нашите маркетинг професионалци !!!
Добар ден чудаци!
Во изминатите неколку постови се обидов да Ви ја посочам користа од прифаќањето на Вашата индивидуалност и различност, и да ја насочите таквата индивидуалност да работи во Ваша полза, на приватен и професионален план. Со цел да бидеме иноватори и први да ги предводиме трендовите кои за просечната личност изгледаат нелогични, се додека Вашиот успех не го допре нивниот нос, денес ќе дискутираме за една алатка која само во последните месеци доживеа вистинска експлозија во нејзината прифатеност и бројот на чудаците кои ги намирисаа бизнис можностите кои ги нуди истата.
Станува збор за Pinterest платформата. За читателите кои се недоволно запознаени што е Pinterest, ќе дадам краток опис со надеж дека читателите ќе видат проактивни и дополнително ќе се едуцираат околу основите на оваа платформа, се со цел, овде вниманите да го фокусирам на директните начини на кои корисниците на Pinterest можат да генерираат нови бизнис можности.
Pinterest претставува визуелна социјална мрежа со најбрз раст и популарност која по посетеност се наоѓа веднаш зад Facebook и YouTube. Членовите на оваа мрежа имаат можност да “закачуваат/Pin-уваат” фотографии кои им се допаѓаат при сурфањето на Интернет без разлика дали доаѓаат до нив на случаен или намерен начин. Платформата нуди можности за категоризирање на закачените фотографии во однапред дефинирани категории или персонализирани категории/групи, создадени од корисникот. Платформата ја доби својата популарност и раст од неверојатни 150% само од почетокот на оваа година поради Pin копчето кое само за неколку секунди може да биде инсталирано на Вашиот интернет прелистувач овозможувајќи ви со еден потег да закачите фотографија која Ви се допаѓа за време на Вашата Интернет сесија, и таа автоматски ќе биде додадена во соодветната категорија во Вашиот Pinterest профил. Повеќето корисници ја користат оваа платформа за да планираат и визуелно да прикажат како замислуваат одреден настан како на пример роденден или венчавка, да прикажат како го замислуваат својот следен дом итн. Можностите се практично неограничени и зависат од фантазијата на корисникот.

На кој начин Pinterest може да биде корисна за маркетерите, сопствениците на бизниси и за секој оној кој сака да биде креативен и различен? Подолу следуваат причините зошто маркетерот не смее да чека ниту минута повеќе пред да го отвори својот Pinterest профил:
- Видливост и SEO (Search Engine Optimization). Секоја фотографија која е закачена/пинувана, содржи линк назад до сајтот од каде што потекнува. Креативноста и атрактивноста која ја емитува самата фотографија помага во постигнувањето на вирален ефект околу Вашата компанија и она што го нудите. Ова ќе й помогне и на Вашата оптимизација/SEO бидејќи линковите се сметаат како влезни линкови до Вашиот вебсајт или профил на социјалните мрежи.
- Фотографска популарност. Непобитен факт е дека луѓето се повеќе привлечени од фотографии отколку од текст. Главна причина зошто секоја статија на Интернет е придружена со фотографија е токму вниманитето кое може да го побуди фотографијата кај читателите. Поради тоа и инфографиците се толку успешни – тие претставуваат визуелно привлечна алтернатива на цели блокови од податоци или текст.
- Интеракција – Pinterest ќе ви овозможи да комуницирате со клиентите и другите стеикхолдери на ист начин како и останатите социјални мрежи, и ќе ви помогне да изградите релации преку медиум кој е удобен за другата страна. Менаџирањето на Pinterest e многу едноставно (за разлика од некои други социјални мрежи), со што ќе заштедите време во текот на воспоставување релации.
- Таргет група – Луѓето избираат кои теми ги интересираат и сакаат да ги следат. Ако на пример изберат “Бизнис” тогаш вашите фотографии или инфографици ќе бидат дел од излезните резултати. Поинаку кажано, имате можност да го понудите она што го имате токму на оние кои се интересираат за тоа. Потесна сегментација од ова, здравје
Како ова платформа може да ни помогне нам маркетерите да комуницираме со нашите корисници и да им ја пренесеме нашата порака и да генерираме продажба? Подолу следуваат повеќе едноставни и креативни начини:
- Искористетете го Pinterest за да спроведете маркетинг истражување. Pinterest може да биде искористен како фокус група за тестирање на нови производи и добивање на директен фидбек. Платформата моментално има квалитетна демографска база на женски корисници на возраст до 45 години. Ова категорија има клучна улога во куповниот процес во едно просечно семејство и може да обезбеди корисни информации за прифатеноста на Вашиот производ. Прашајте ги Вашите фанови (следбениците на Вашиот корпоративен Pinterest профил) кои се нивните омилени производи, како и да ги замолите (или стимулирате) да прикачат нивни фотографии со вашиот производ. Тие ќе бидат среќни да го дадат своето мислење, посебно ако некој вистински сака да го слушне.
- Направете прилагодени Пин табли/Pinboards за промоција на Вашите производи. Во зависност од типот на Вашиот производ, можете да креирате посебна Пин табла која индиректно ги промовира Вашите производи. На пример, туристичка агенција може да направи табла за закачување на фотографии од препорачани хотели, активности, атрактивни места за посета и многу повеќе. Модниот дизајнер може да создаде табла со сите свои модни креации и дизајни. Наместо постојано да објавувате нов каталог, освежете ја Вашата Пин табла со најнови фотографии од Вашите производи.
- Копчето “Pin it”/ Закачи. Можете да го додадете ова препознатливо копче на вашиот блог или вебсајт за да им олесните на корисниците да ги споделуваат Вашите фотографии или видеа само со еден клик.
- Користете го Pinterest за да ги продавате Вашите производи. Со додавање на знакот $ или € Pinterest ќе генерира ценовен банер за вашиот производ. Корисниците не само што можат да го забележат производот туку и да го купат истиот преку линкот кој ќе ги одведе до сајтот каде што е лоциран производот со кликнување на сликата. Ова претставува одличен начин да генерирате сообраќај до вашиот веб сајт, а воедно да го искористите Pinterest како бесплатен он лајн каталог.
- Ексклузивни промотивни пакети. Доколку располагате со поширок асортиман на производи, можете да креирате Пин табли со специјална колекција на производи кои ги нудите по специјална цена. Замислете бутик кој нуди матурски или венчални фустани по специјална цена исклучиво доколку бидат нарачани преку неговата Пин табла на Pinterest. Зарем постои подобар начин да ги “залепите” корисниците на вашата табла?
- Користете го Pinterest за да понудите ексклузивна содржина. Воведете ексклузивни попусти за корисниците кои ќе го купат вашиот производ преку Pinterest. Денес постојат повеќе начини за да точно утврдите од каде корисникот е пренасочен кон Вашата веб страна и Вашиот производ.
- Натпревари – кога станува збор за натпреварите, можносите кои ги нуди Pinterest за промоција на производот и социјалната изложеност на бизнисот се огромни. Бидете инспиративни и организирајте натпревар за закачена најдобра фотографија од клиент со Вашиот производ. Не постојат идеи кои се премногу откачени или неостварливи
- Користете го Pinterest за да го стилизирате вашиот бренд. Pinterest може да биде прекрасен начин за да го изразите идентитетот на Вашиот бренд над она што претставува физичка претстава за вашиот производ/услуга. Покажете за што конкретно се интересирате преку линкување до други вебсајтови, или следење на други Пин платформи/Pinboards
Направете го Pinterest вашето ново најдобро пријателче. Моментално се смета дека оваа платформа ќе бидет Број 1 социјална мрежа за 2012 година, и поради тоа нејзиниот маркетинг потенцијал е голем и никако не смее да биде занемарен. Платформата веќе има регистрирано 10,4 милиони корисници на нејзината мобилна верзија, и моментално претставува најбрзо растечката социјална мрежа.
Доколку Ви треба инспирација за Pinterest, подолу следуваат неколку смели примери. Погледнете ги!
- My time watch shop – првиот Pinterest бренд од Македонија
- Nordstrom
- Whole Food’s
- Michael’s
- Chobani
- The Today Show
- Mashable
- Oreck
Поздрав и пријатен ден!







